ММФ отвора нов центар во Рим за поддршка на Западен Балкан и Молдавија во интеграцијата во ЕУ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе формира нов Центар за техничка помош за Југоисточна Европа (SEETAC) во Рим, кој ќе ги поддржува земјите од Западен Балкан и Молдавија во нивното напредување кон членство во Европската Унија

Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, ја најави иницијативата во Брисел, истакнувајќи дека проширувањето на ЕУ повторно е високо на европската агенда и дека може значително да го поттикне економскиот раст низ Европа. Новиот центар се очекува да почне со работа во следните неколку недели, со поддршка од Италија, Европската комисија, Грција и Луксембург, како и од земјите кориснички.

SEETAC ќе обезбедува совети за јавни политики, техничка помош и развој на капацитетите за земјите што се наоѓаат во процесот на пристапување во ЕУ. Центарот ќе ја надополни работата на постојниот центар на ММФ во Виена, кој обезбедува обуки за земји меѓу кои е и Украина.

Георгиева рече дека членството во ЕУ им нуди на земјите кандидати голема можност да го забрзаат растот и да го подобрат животниот стандард, но нагласи дека придобивките зависат од успешните домашни реформи и поголемата продуктивност.

Според неа, продуктивноста учествува со околу две третини во вкупното зголемување на приходите поврзано со пристапувањето во ЕУ.

Таа, исто така, нагласи дека продуктивноста не се зголемува автоматски со членството во ЕУ. Таа зависи од инвестициите, иновациите, конкуренцијата и способноста на домашните и странските компании да ги искористат новите можности што ги создава интеграцијата.

Шефицата на ММФ оцени дека успешното проширување би имало придобивки не само за земјите кандидати туку и за постојните членки на ЕУ, особено во време кога Европа се соочува со демографски и фискални притисоци, растечки геополитички тензии и послаб глобален раст. Таа повика и на подлабока интеграција на единствениот пазар на ЕУ, истакнувајќи дека поголема Европа би била посилна доколку истовремено биде и поинтегрирана.

Имате вест или приказна што сакате да ја споделите?

Испрати

Ги поврзуваме носителите на одлуки во Адрија регионот

Поврзано